Шведска во моментов е најнапредната земја во светот кога станува збор за безготовинските плаќања, а нивните банки се предводници на тој тренд. Дури и во јавниот превоз веќе не примаат готовина, а големи се шансите во продавниците, рестораните, музеите, хотелите, клиентот да остане без стоки или услуги доколку нема некаков вид на дигитално плаќање, пишува „Биз. Портал“. Во времето на пандемијата беше објавено дека монетите и банкнотите не се најпосакуваното платежно средство во таа земја долго време и дека корона вирусот само го засили тој тренд. Дури и централната банка ги предупреди граѓаните за тоа, плашејќи се дека готовината физички може целосно да исчезнат.

Германскиот неделник „Фокус“ објави дека само 16 отсто од децата во таа земја добиваат џепарлак во готово, а 84 отсто имаат дигитални штедни книшки. Истражувањата покажаа дека во Шведска генерацијата на возраст од 18 до 34 години не плаќа со готовина во 75 отсто од случаите. Меѓутоа, оние кои се залагаат за готовинско плаќање во таа земја имаат замерки дека и покрај стравот на државата дека готовината исчезнува, изненадува тоа што дури и даночната управа не прифаќа никакви готовински плаќања. Единствени институции кои се законски обврзани да примаат готовина при плаќање на партиципација се болниците.

Неодамнешното истражување спроведено од шведската централна банка покажало дека само осум отсто од граѓаните последното купување го платиле со монети или банкноти. До пред само десет години 40 отсто од граѓаните плаќале во готово. Медиумите пренесуваат дека вкупната шведска готовина денес изнесува нешто повеќе од еден процент од вкупната понуда на пари, а аналитичарите очекуваат дека за петнаесет години готовината целосно ќе исчезне и дека Шведска, веројатно првата во светот, ќе стане општество без готовина. Готовината се гледа како непотребен трошок и безбедносен ризик, како и постојана цел за фалсификување.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.