Швајцарија, чие население старее и се соочува со зголемени трошоци за живот, денеска одржува референдум за два клучни предлози за пензионерите: исплата на 13-та пензија и зголемување на старосната граница за пензионирање.

Предлогот за постепено зголемување на старосната граница за пензионирање од 65 на 66 години во следните десет години за да се обезбеди целосно финансирање на пензискиот систем, се чини дека е осуден на неуспех.

Имено, пред нешто помалку од две години, швајцарските гласачи тесно одлучија да ја подигнат старосната граница за пензионирање на жените од 64 на 65 години, колку што е за мажите.

Последниот предлог доаѓа од подмладокот на десничарската Либерална партија.

Но, се чини дека оваа иницијатива нема шанси за успех. Последните анкети покажуваат дека само 35 отсто од испитаниците ја поддржуваат ваквата одлука, а 63 отсто се против.

Што се однесува до 13-та пензија, швајцарските синдикати изнесоа предлог за воведување дополнителен месечен социјален надоместок за помош на пензионерите поради зголемените трошоци за живот во богатата алпска земја.

Иницијативата наречена „Подобар живот во пензија“ бара секоја година да се исплаќа 13-та пензија, како 13-та плата што ја добиваат многу работници во Швајцарија.

Анкетите покажуваат дека мнозинството Швајцарци го поддржуваат предлогот, иако се чини дека бројот на поддржувачи се намалува и се уште не е сигурно дека ќе помине.

Месечниот социјален надоместок во Швајцарија може да биде до 2.450 швајцарски франци за поединци и 3.675 франци за брачни парови.

Тоа можеби изгледа многу, но во земја која е меѓу најскапите во светот не е така.

Киријата за просечен двособен стан во швајцарските градови е најмалку 3.000 франци, а кафето чини повеќе од пет франци.

Доколку Швајцарците дадат зелено светло за тој предлог, нема да бидат први во Европа. Сличен систем со години има и соседен Лихтенштајн, уште една скапа земја која користи швајцарски франк.

Лидерот на Швајцарската синдикална федерација (СГБ), Пјер-Ив Мајар, кој припаѓа на кампањата „да“, рече дека „има криза на куповната моќ“ во земјата.

– Животниот стандард на пензионерите паѓа, нагласи тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.