Во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур денеска треба да се одржи сослушување по тужбата покрената од шестмина млади Португалци против Португалија и уште 32 држави од Европа, со која бараат на владите на овие земји да им се изрече пресуда со која ќе бидат приморани да ја засилат борбата против климатската криза.
Според португалското здружение за заштита на животната средина „Зеро“, ваквата иницијатива е покрената затоа што земјите „не сториле доволно“ со своите активности за заштита на климата.
Во соопштението на „Зеро“ се посочува дека шесте млади луѓе ја покренале тужбата во септември 2020 година, откако „биле сведоци на разорните шумски пожари и се поинтензивни бранови на жешко време“.
Подносителите на тужбата наведуваат дека климатските активности на „обвинетите“ земји не се доволни за заштита на нивните основни права, вклучително и нивното право на живот и на физичка и ментална благосостојба.
Според „Зеро“, кое наведува дека станува збор за „најголема климатска тужба покрената досега“, европските влади имаат законска обврска да дејствуваат итно за да спречат климатска катастрофа и да преземат многу порадикални и итни мерки за намалување на емисиите на штетните гасови што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина.
На младите им истекува времето за заштита на својата иднина. ЕУ мора итно да ги намали бруто емисиите (на штетни гасови) за најмалку 65 отсто до 2030 година и да постигне нула нето емисии најдоцна до 2040 година, посочува „Зеро“ во соопштението.
По случајот која официјално се води како „Дуарте Агостињо и другите против 33 држави“, ќе решава Големиот совет на Судот составен од 22 члена под претседателство на Шиофра О’Лири, а во чиј состав е и македонскиот судија Јован Илиевски.
На листата на тужени држави се 27-те членки на ЕУ, како и Велика Британија, Норвешка, Русија, Турција, Украина и Швајцарија.
Судот треба да се произнесе по тужбата во следните 18 и доколку изрече пресуда, според очекувањата на „Зеро“, таа ќе претставува еден вид „нов законски задолжителен договор“, што директно ќе ги обврзува владите на тужените земји итно да дејствуваат против климатската криза.
Европската унија мора да ја забрза својата климатска акција и да ја зголеми својата амбиција да ги заштити граѓаните од опасните климатски промени, додава „Зеро“ во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.