По пристанишниот град Мариупол, Северодонецк е уште еден голем индустриски центар во источна Украина. Проруското движење во овој реон за првпат се манифестира пред дваесет години, пиува „Дојче веле“.
Помалку од две недели откако последните украински војници се предадоа во Мариупол, надевајќи се дека ќе разменат заробеници со руската армија, Украина може да изгуби уште еден голем центар на Донбас, градот Северодонецк. Според извештаите, по уличните борби, руските сили веќе се навлезени во поголемиот дел од градот.
Северодонецк и соседниот Лисичанск се последните поголеми градови во регионот Луганск, кои сè уште се под контрола на Киев. Според украинскиот Генералштаб, главна сегашна цел на Русија е да го освои Северодонецк. Украинските сили кои ја бранат областа се соочени со опасност да бидат опколени како во Мариупол.
Центар на украинската хемиска индустрија
Пред војната, Северодонецк имаше нешто повеќе од 100.000 жители. Градот е основан во советско време, во близина на хемиската фабрика „Азот“, најголемата во Украина. Релативно новиот град, на границата на регионите Луганск, Доњецк и Харков, го добил името по реката Северски Донец во 1950-тите.
Сопственик на хемиската фабрика „Азот“ е олигархот и медиумски магнат Дмитро Фирташ, кој живее во Австрија од 2014 година. На Фирташ му се заканува екстрадиција во САД поради сомневање за корупција. Неговата компанија во Северодонецк првенствено произведува ѓубриво, главно за извоз.
Во последните години, поради конфликтот во Донбас, фабриката „Азот“, како и многу други фабрики во регионот, често го прекинува производството. Во Северодонецк има и други хемиски фабрики. Нафтена рафинерија има и во соседен Лисичанск. Порано им припаѓаше на руски бизнисмени, но одамна не функционира.
Проруско движење во Севернодонецк
Северодонецк е познат и по првиот обид да се подели Украина пред дваесет години. На 28 ноември 2004 година, во градот се состана таканаречениот Сеукраински конгрес на пратеници од сите нивоа, на кој првенствено присуствуваа претставници на проруската Партија на регионот.
Партијата потекнува од Донбас и доминираше во регионот. Во времето на прозападната „Портокалова револуција“, таа се закани дека ќе прогласи автономија со Харков како свој центар. Автономијата требаше да опфати осум источни и јужни украински региони, како и Крим и Севастопол.
На конгресот говореше и тогашниот градоначалник на Москва, Јуриј Лушков, кој како млад работел во фабриката „Азот“. Подоцна дури беше прогласен и за почесен граѓанин на Северодонецк, иако украинските власти уште тогаш му забранија влез во земјата, поради сепаратистичките изјави за Севастопол.
Иницијаторите на Сеукраинскиот конгрес во 2004 година застанаа на заканите. Сепак, многу набљудувачи го видоа состанокот како прв, неуспешен обид за формален политички раскол во Украина.
Вториот обид следуваше десет години подоцна, во текот на пролетта и летото 2014 година. По припојувањето на Крим кон Русија, вооружените локални сепаратисти, заедно со Козаците кои дојдоа од Русија, ги зазедоа трите соседни градови Северодонецк, Лисичанск и Рубижне.
Во втората половина на јули 2014 година, украинската армија го поврати регионот. Северодонецк стана регионален центар на воено-цивилната администрација. Од Луганск таму се преселија разни институции и факултети. Сега повторно се преселија, овој пат во западна Украина.
Стратешко значење на Северодонецк
Северодонецк и соседниот Лисичанск се стратешки многу важни, бидејќи тој дел од Донбас е поврзан со други украински региони. Главниот фокус е на автопатот што го поврзува Лисичанск со Бахмут во регионот Доњецк. Преку нив се снабдува украинската армија, а до неодамна на тој правец се евакуираа цивили. Меѓутоа, поради гранатирање, патот сега се смета за премногу опасен.
Заземањето на Северодонецк и Лисичанск ќе и овозможи на руската армија да стигне до административната граница на регионот Луганск. Оттаму, потоа би можела да напредува позападно, кон Краматорск, вториот административен центар во регионот Доњецк.
Краматорск е еден од последните големи индустриски градови во Донбас, кој се уште е целосно под контрола на Киев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.