Северна Кореја „најостро ја осудува“ усвоената Декларација на Самит на НАТО, соопшти Министерството за надворешни работи во Пјонгјанг.

– Декларацијата од Самитот во Вашингтон, подготвена и објавена на 10 јули, докажува дека САД и НАТО, се сведени на алатки за конфронтација, претставуваат најсериозна закана за глобалниот мир и безбедност, се наведува во соопштението на севернокорејското МНР.

Во соопштението објавено од севернокорејската новинска агенција КЦНА, се истакнува дека потезите на САД за проширување на воените блокови со земјите од НАТО и азиските партнери, вклучително и Јужна Кореја и Јапонија, „се злобната основна причина за сериозно загрозување на регионалниот мир, екстремно влошување на меѓународната безбедносна средина и предизвикување глобална трка во вооружување“.

Во Декларацијата од Самитот на НАТО се повикува Кина да стави крај на секаква материјална и политичка поддршка за руските воени напори. Исто така се обвинуваат Иран и Северна Кореја дека ја поттикнуваат руската војна во Украина со обезбедување директна воена поддршка на Москва.

На маргините на Самитот во Вашингтон, Јужна Кореја и САД потпишаа насоки за воспоставување интегриран проширен систем за одвраќање за Корејскиот Полуостров за да се спротивстави на нуклеарните и воените закани од Северна Кореја.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.