Само осум проценти од Русите веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин е одговорен за смртта на шефот на руската приватна воена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, покажува анкетата што за лондонски „Сандеј тајмс“, ја изработил Институтот „Отворени умови“ (Open Minds) само девет часа по падот на авионот.

Рускиот истражен комитет потврди дека Пригожин загинал во авионска несреќа во средата вечерта во областа Твер, во близина на Москва. Сите 10 патници и членови на екипажот загинале во падот на авионот „Ембраер“, што летал од Москва за Санкт Петербург.

Истражувањето на меѓународниот тинк-тенк, покажало и дека само два отсто од поддржувачите на руската власт го гледаат Путин како виновник за смртта на Пригожин.

Најголем број од испитаниците, односно 28,4 отсто, сметаат дека несреќата била монтирана, додека 28,3 отсто како причина за падот на авионот ги навеле техничките тешкотии или пилотската грешка.

Истражувањето покажува дека дури 70 отсто од испитаниците се согласиле дека Пригожин е херој на воената операција во Украина.

Рускиот претседател пред два дена потпиша Указ со кој ги повикува членовите на „Вагнер“ и другите руски приватни паравоени групи да положат заклетва за верност кон руската држава и армија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.