Политиката на проширување на ЕУ, вклучително и процесот на стабилизација и асоцијација, најновите случувања со руската агресија врз Украина и континуираната поддршка на Унијата за земјата и украинскиот народ, ситуацијата на Блискиот Исток и предложената ревизија на повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година, ќе бидат главни теми на дводневниот Самит на ЕУ што почнува денеска во Брисел.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, лидерите на ЕУ ќе направат преглед за напредокот во спроведувањето на претходните заклучоци поврзани за безбедноста и одбраната и ќе дадат дополнителни насоки во тој сектор, а ќе дискутираат и за конкретни прашања поврзани со надворешната политика на Унијата.

Во поканата упатена до шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел посочува дека стартот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година означи пресвртница во историјата на Европа, потсетувајќи дека од избувнувањето на војната Унијата донесе голем број одлуки без преседан за поддршка на Украина и зајакнување на суверенитетот на Европа.

– Деветнаесет месеци подоцна, повторно се соочуваме со потребата да донесеме храбри одлуки. Тие бараат нашата колективна сила и решителност, и смелост да ги направиме вистинските избори. Треба да ги исполниме нашите заложби за Украина и да продолжиме да бидеме сигурен и силен партнер. Мора да и обезбедиме на Украина континуирана и одржлива политичка, финансиска и воена поддршка и особено да постигнеме договор за обезбедување 50 милијарди евра за нејзината долгорочна стабилност. Ние, исто така, треба да се согласиме да ги отвориме пристапните преговори со Украина, а со тоа да и дадеме неопходен сигнал и да ја доближиме до нашето европско семејство, наведува Мишел.

Според него, лидерите ќе треба да донесат и „значајни одлуки“ за другите аспиранти за членство во ЕУ, додека паралелно Унијата работи на тоа да се прилагоди за иднината и да биде подготвена за прием на нови членки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.