САД денеска соопштија дека се длабоко вознемирени од назадувањето на демократијата во Грузија, за која Вашингтон вели дека е соочена со избор: да избере да го донесе законот за „странски агенти“ или да ги поддржи евроатлантските аспирации на својот народ, објавија британските медиуми.
-Длабоко сме загрижени поради повлекувањето од демократијата во Грузија. Грузиските пратеници се исправени пред важен избор – да ги поддржат евроатлантските аспирации на грузискиот народ или да го прифатат законот за „странски агенти“ од типот на Кремљ, кој е спротивен на демократските вредности. Ние стоиме со грузискиот народ, напиша советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан на социјалната мрежа Х.
Нацрт-законот бара организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат како „агенти на странско влијание“, но неговото усвојување предизвика политичка криза во Грузија, каде илјадници луѓе излегоа на улиците барајќи да се повлече. Владејачката партија Грузиски сон рече дека законот ќе ја зголеми транспарентноста и ќе го зајакне националниот суверенитет на земјата.
Саливан рече дека Грузискиот сон намерно се обидува да се дистанцира од Западот, иако и тој и грузиското јавно мислење традиционално го поддржуваат членството на земјата во ЕУ и НАТО.
-Неодамнешната реторика на Грузиски сон, предложените законски измени и активности против аспирациите на грузискиот народ имаат за цел да ги изолираат Грузијците од САД и Европа, напиша Саливан на Х.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.