Американската Влада го расчисти патот за ослободување на петте американски државјани приведени во Иран, откако издаде дозвола меѓународните банки да му префрлат на Техеран шест милијарди долари блокирани во Јужна Кореја.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја потпишал одлуката на почетокот на минатата недела, но Конгресот беше информиран дури вчера.

Овој потег веројатно ќе предизвика критики против американскиот претседател Џо Бајден од републиканците и другите противници кои тврдат дека договорот ќе ја зајакне економијата на Иран во време кога Техеран ги зголемува заканите против американските воени единици на Блискиот Исток, коментираат светските агенции.

Одлуката на Вашингтон значи дека европските, блискоисточните и азиските банки нема да подлежат на санкции кога парите блокирани во Јужна Кореја ќе бидат префрлени на централната банка на Катар. Одмрзнатите средства ќе бидат наменети за набавка на хуманитарни стоки.

Одмрзнувањето на шесте милијарди долари е клучен дел од договорот за ослободување на американските граѓани кои се во иранските затвори и Иранците кои се во американските затвори. Минатиот месец Вашингтон и Техеран се договорија да ослободат четворица од вкупно пет американски затвореници во Иран кои се во домашен притвор. Тогаш на петтиот веќе му беше одредена полесната мерка притвор.

Поради бројните санкции на САД против меѓународните банки поврзани со трансакции во корист на Иран, неколку европски земји се воздржаа од учество во трансферот на шесте милијарди долари.

Одлуката, потпишана минатата недела од Блинкен, има за цел да ги намали нивните стравови од каков било ризик од американски санкции.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.