Администрацијата на американскиот претсдеател Џо Бајден синоќа објави дека Израел можеби го прекршил меѓународното хуманитарно право во Газа со користење на оружје што го набавил во САД, но дека условите на војната ги спречиле американските власти со сигурност да го утврдат тоа.

Наодите на американската администрација за „разумни докази“ кои би можеле да доведат до заклучок дека нејзиниот сојузник го прекршил меѓународното право во начинот на кој се води војната, беа објавени во збирниот извештај доставен до Конгресот вчера и претставуваат досега најсилна таква изјава на администрацијата на Бајден, пренесува Бета.

Оградувањето дека не можело веднаш конкретно да се потврди користење такво американско оружје од страна на израелските сили во Газа може да ѝ даде маневарски простор на американската влада а секоја идна одлука дали да го ограничи снабдувањето на Израел со офанзивно оружје.

Наодите на администрацијата во Вашингтон, што е прва проценка од ваков вид што ја побараа Демократите на Бајден во Конгресот, следуваат по седуммесечните израелски воздушни напади, копнени борби и рестрикции во испраќање на помош во Газа, каде што загинаа речиси 35.000 Палестинци.

Бајден е на удар поради поддршката на војната на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху против Хамас. Тој се соочува со растечки гнев дома и во странство поради зголемениот број загинати Палестинци и заканата од глад во Газа, предизвикани во голем дел од израелските ограничувања за доставување на храна и помош во палестинската енклава.

Американскиот претседател е во последните месеци од кампањата за реизбор против републиканецот Доналд Трамп. Тој се соочува со барања од многу демократи да го прекине снабдувањето со офанзивно оружје за Израел, но и обвинувања од републиканците дека ја ослабува поддршката за Израел во време кога тоа му е најпотребно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.