Мораме да обезбедиме Украина да опстои како суверена демократска држава, да ги зголемиме издвојувањата за одбранбените трошоци и да зајакнеме нашата колективна одбрана, порача новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте при пристигнувањето на церемонијата на примопредавање на должноста со досегашниот прв човек на Алијансата, Јенс Столтенберг во седиштето на Пактот во Брисел.
Но, една работа нема да се промени, а тоа е основната мисија на НАТО – да обезбедиме одбрана на нашите луѓе, на нашите земји и на нашата иднина, потенцира Руте.
Тој нагласи дека благодарение на Столтенберг, НАТО денес е посилен и пообединет од кога било досега.
За мене претставува голема чест да го нагледам на местото генерален секретар, додаде Руте.
Столтенберг, од своја страна, посакувајќи му добредојде на Руте, истакна дека во текот на својот 14-годишен мандат како холандски премиер тој покажал дека знае како да прави компромиси и да постигнува договори, што му дава одлични препораки за местото генерален секретар на НАТО.
Со него на чело, НАТО е во добри раце, додаде Столтенберг.
Досегашниот генерален секретар се осврна и на неговите постигнувања на чело на НАТО во изминатите 10 години, потенцирајќи го зајакнувањето на одбраната на Алијансата, пред се на нејзиното Источно крило, зголемувањето на бројот на сојузници кои одвојуваат најмалку два отсто од својот БДП за потребите на одбраната – од три во 2014 на 23 во 2024 година, приемот на четири нови членки – Македонија, Црна Гора, Финска и Шведска, како и засилената поддршката за Украина.
Значи НАТО се промени и Руте како премиер беше дел од тие промени, додаде Столтенберг.
Запрашан за случувањата во Либан, Столтенберг одговори дека НАТО ќе продолжи да ги поддржува напорите на своите членки и партнери за деескалација на состојбата, прекин на непријателства и изнаоѓање политичко решение, како во Либан, така и во Газа.
Во однос на очекувањата од претседателските избори во САД во ноември, Руте одговори дека не е загрижен околу изборниот исход, нагласувајќи дека добро ги познава и двајцата кандидати и има искуство во соработка со нив.
-Соработував со Доналд Трамп четири години. Тој не притискаше да трошиме повеќе (за одбраната) и успеа во тоа, бидејќи ние сега издвојуваме многу повеќе во споредба со 2017 година. Тој не притискаше (да внимаваме) на Кина и мислам дека беше во право, рече Руте,
Во однос на Камала Харис, Руте оцени дека таа вршела одлична работа како потпретседателка на САД и дека е многу почитувана.
Така што, можам да соработувам и со двајцата, заклучи Руте
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.