Руското издание на „Форбс“, цитирајќи извор запознаен со проценките на Кремљ, објави дека од почетокот на мобилизацијата во Русија, на 21 септември, земјата ја напуштиле речиси милион лица.
Друг соговорник на „Форбс“ во администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин, изјавил дека Русија ја напуштиле меѓу 600.000 и 700.000 Руси и додал дека во моментов е невозможно да се пресмета колку од нив земјата ја напуштиле за туристички цели.
Веднаш по прогласувањето на мобилизација, на руските гранични премини се формираа километарски редици. Најпознат стана граничниот премиен Горњи Ларс, на руско-грузиската граница, каде луѓето чекаа во ред четири или пет дена, често без храна и вода. Редици се формираа и на граничните премини на руско-казахстанската граница.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли наводите на „Форбс“, наведувајќи дека Кремљ не го знае точниот број на луѓе кои ја напуштиле земјата, но дека е далеку од објавената бројка.
Ми наликува на новинарска патка. Не знам ни што е руската издавачка куќа „Форбс“. Дали е објавена или не, дали таа издавачка куќа воопшто постои – изјави Песков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.