„Гугл“ треба да плати сума од 20.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000 долари поради забраната на руските државни медиуми на Јутјуб, одлучи рускиот суд.
Иако „Гугл“ е најбогатата компанија во светот, оваа сума е значително повисока од нејзината вредност од два трилиони долари.
Всушност, таа е поголемa од целиот светски бруто домашен производ, кој Меѓународниот монетарен фонд го проценува на 110 трилиони долари.
Казната стана толку голема затоа што се удвојува секој ден на неплаќање, објави државната новинска агенција „ТАСС“.
Не можам ни да ја изговорам оваа бројка, но апелирам менаџментот на „Гугл“ да внимава, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе „ТАСС“.
Компанијата сè уште не ја коментирала казната ниту одговорила на прашањата на Би-Би-Си.
Казната која му е изречена на Гугл се однесува на забраната за објавување содржини за 17 руски медиуми на Јутјуб, објави руски РБЦ.
Забраната беше воведена во 2020 година, а потоа се прошири кога почна војната со Украина во 2022 година.
Оттогаш, повеќето американски компании се повлекоа од Русија, додека бизнисот во оваа земја е строго ограничен со санкции.
Руските медиуми се забранети и во Европа, поради што Русија воведе контрамерки.
Казната што ја доби Гугл е продолжение на повеќегодишниот конфликт меѓу Русија и американската компанија.
Роскомнадзор, руското регулаторно тело за медиуми, го обвини Гугл во мај 2021 година за ограничување на пристапот до руските медиуми, вклучувајќи ги Спутник и РТ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.