Руските трупи рано изутринава со оган од повеќецевни фрлачи го ракетирале јужниот украински град Николаев

Гранатирањето почнало околу 5 часот изутринава по локално време, објавуваат агенциите пренесувајќи информации на локалниот медиум „Њуз-Н“.

Населението на Николаев јавува дека експлозии се слушаат во сите делови на градот и наводно огнот доаѓа од две насоки истовремено. На социјалните мрежи граѓаните објавуваат дека во одредени делови на градот нема електрична енергија.

Градоначалникот на Николаев, Олександр Сенкевич, потврдува дека руските сили утрово го бомбардирале градот, притоа објавувајќи на својот фејсбук-профил дека руските сили гаѓале станбени згради споделувајќи снимка на зграда во пламен.

„Во градот има многу неексплодирани гранати. Не приближувајте се, не допирајте ги и не обидувајте се да ги поместувате“, предупредува Сенкевич.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.