Генералштабот на украинската војска соопшти дека руски крстосувачки ракети ја погодиле и уништиле воената база во близина на главниот град Киев и „делумно ја разориле“.

Околу 5 часот утрото по локално време непријателот почна напад истрелувајќи шест крстосувачки ракети „Калибр“ врз воената постројка Лиутиј во регионот на Киев – изјави за медиумите Олексиј Громов, висок функционер во врвот на украинските вооружени сили.

Громов додаде дека ракетите биле истрелани од насока на црноморскиот полуостров Крим.

Тој тврди и дека руските сили, наводно, со повеќекратни ракетни лансери од територијата на соседна Белорусија извеле напад во северниот украински регион Чернигов.

Има загуби меѓу украинската војска – додаде Громов.

Според него, проруските сепаратисти и руските трупи го продолжиле напредувањето кон градовите Северск и Бахмут на границата на одметнатата област Донбас, доминантно населена со руско и рускојазично население.

Ситуацијата таму е тешка но целосно под контрола – додаде Громов.

Во јужниот регион Херсон, каде што Киев со недели најавува контраофанзива откако го ракетира со американските системи со голем дострел и висока мобилност ХИМАРС, наводно последните две недели украинската војска успеала да врати под контрола три села. Сепак, западните медиуми наведуваат дека не можно да се потврдат информациите од независни извори.

Во меѓувреме, проруските сепаратисти од Доњецк известија дека во масивните украински гранатирања во изминатото деноноќие загинале четворица цивили, додека, пак, украинската страна наведува дека во продолжиле руските бомбардирања во неколку региони.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.