Германија може да се соочи со недостиг на основни производи како тоалетна хартија и картон доколку се намали снабдувањето со руски гас во наредните месеци, објави во средата германскиот весник Цајт онлајн.

Работните фабрики за хартија може да станат непрофитабилни ако бидат принудени да произведуваат со намален капацитет поради недостиг на гас – за весникот предупредува, Јирген Шалер, претседател на Одборот на Баварските асоцијации за хартија.

Шалер објаснува дека за производство на хартија е потребно многу вода, струја и гас, додавајќи дека технологијата е испробана и не може брзо да се промени.

Многу вработени во мојата компанија веќе се многу загрижени. Не можам да ги обвинам. Затоа што ако можеме да произведеме само 50 или 60 проценти, работењето не ни вреди. Да бидам искрен, и јас се грижам – вели Шалер.

Германија, но и ЕУ како целина, неодамна забележаа намалување на испораките на природен гас од Русија, што доведе до бројни предупредувања за можни индустриски затворања.

Гасоводот „Северен тек 1“ моментално работи со капацитет од 20% поради технички проблеми со турбините на компресорската станица Портоваја. „Газпром“ не може да користи друга транзитна рута, преку Украина, со полн капацитет бидејќи, според рускиот енергетски гигант, украинската транспортна мрежа за гас ги одбива нејзините барања за транзит.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.