Руски милијардери и претприемачи пристигнуваат во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во невиден број, изјавија бизнис лидерите за Би-Би-Си. Купувањето на недвижен имот во Дубаи, од страна на Русите, се зголемило за 67 отсто во првите три месеци од 2022 година, се наведува во извештајот.
ОАЕ не воведоа санкции кон Русија, ниту ја критикуваа инвазијата на земјата на Украина. Тие им даваат визи и на Руси кои не се санкционирани, додека многу западни земји ги ограничуваат веќе со месеци.
Се проценува дека стотици илјади луѓе ја напуштиле Русија во последните два месеци – иако точни бројки не се достапни.
Еден руски економист рече дека дури 200.000 Руси заминале во првите 10 дена по почетокот на војната. Компанијата Virtuzone, која им помага на компаниите да започнат операции во Дубаи, забележа огромен пораст на руски клиенти.
„Добиваме пет пати повеќе барања од Русите од почетокот на војната“, рекоа од компанијата, додавајќи дека Русите се загрижени за претстојниот економски колапс. „Затоа тие се преселија овде, за да го обезбедат своето богатство“, вели одговорно лице од оваа компанија.
Приливот на руски граѓани ја зголеми побарувачката за луксузни вили и станови низ градот. Агентите за недвижности известуваат за зголемување на цените на недвижностите, бидејќи Русите кои пристигнуваат во Дубаи бараат да купат куќи. Агенцијата за недвижности Betterhomes со седиште во Дубаи открива дека купувањето домови од Русите се зголемило за две третини во првите три месеци од 2022 година.
Друга агенција за недвижности, Modern Living, изјави за Би-Би-Си дека ангажирала многу агенти кои зборуваат руски за да ја задоволат зголемената побарувачка.
Покрај тоа, многу мултинационални компании и руски стартапи исто така ги преместуваат своите вработени во ОАЕ. Војната имаше огромно влијание врз нивните операции и тие ги избраа ОАЕ како „безбедна економска и политичка средина за бизнис“, велат тие.
Предизвикот беше уште поголем за компаниите кои се занимаваат со меѓународни клиенти и брендови, бидејќи повеќето западни фирми ги прекинаа врските со компании со седиште во Русија. Глобалните компании како Goldman Sachs, JP Morgan и Google, кои затворија канцеларии во Русија, исто така преселуваат дел од своите вработени во Дубаи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.