Русија тврди дека нејзините вооружени сили го зазеле селото Новоселивка Перша во источна Украина.
Руското Министерство за одбрана соопшти денеска дека Москва „го ослободила населеното место“ во Донецката област, последното во низата села кои Кремљ тврди дека ги зазел во последните недели, пренесува РСЕ.
Донецк е една од четирите области во источна и јужна Украина за кои Русија тврди дека ги анектирала во 2022 година, неколку месеци по почетокот на инвазијата.
Во исто време, украинските вооружени сили собориле пет дронови по ракетниот напад на Русија во неколку украински области.
Командантот на украинското воено воздухопловство, Микола Олещук, на Фејсбук напиша дека пет ирански дронови Шахед биле пресретнати во Херсонската, Дњипропетровската, Кировоградската и Запорожската област. Дроновите биле лансирани од воздухопловна база во руското подрачје Краснодар.
Русија лансирала и две противвоздушни наведувани ракети С-300 и две наведувани ракети Х-59, соопшти Украина.
Гувернерот на Херсон, Олександр Прокудин, изјави дека при руското гранатирање ден претходно биле повредени 15 лица, вклучувајќи и едно дете.
И покрај доказите што укажуваат на спротивното, Русија тврди дека во војната не цели кон украинските цивили.
Мисијата на Обединетите нации за човекови права соопшти дека најмалку 11.284 украински цивили се убиени од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, нагласувајќи дека вистинскиот број веројатно е поголем.
Во меѓувреме, руските власти почнаа да испраќаат СМС пораки за охрабрување на граѓаните да се пријават во Министерството за одбрана и „веднаш“ да добијат 800.000 рубли (9.400 долари) по потпишување на договор.
Покрај надоместот, регионалните гувернери имаат овластување да им даваат дополнителни средства на војниците од своите области. Дополнителните исплати се движат од 1,12 милиони рубли (13.200 долари) до 1,7 милиони рубли (20.000 долари).
Русија се обидува да ја зголеми регрутацијата без формално прогласување мобилизација, што би можело да предизвика незадоволство.
Во пресрет на претседателските избори во декември 2023 година, рускиот претседател Владимир Путин вети дека нема да има нови објави за мобилизација бидејќи на фронтот веќе има „половина милион“ војници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.