Русија продолжува со ракетните напади врз градот Бахмут, во Доњецк, важен центар за украинската армија. Денеска имаше уште еден воздушен напад во градот каде се уште живеат околу 20.000 лица. Во меѓувреме, според извештајот на британското разузнавање, Русија разрешува врвни команданти поради лошиот тек на војната. Руската војска на фронтовите почна да носи и ласерско оружје, што според украинскиот претседател Зеленски, го покажува целосниот неуспех на Русија во Украина.

„Денеска, претставниците на руската држава соопштија дека напаѓачите почнале да користат ласерско оружје во Украина наместо проектили. Во нацистичката пропаганда се користел термин: оружје за чуда. Колку што стануваше појасно дека не можат да победат, толку повеќе се пуштаа пропаганди за чудесни оружја…. Така, гледаме дека во третиот месец од војната Русија се обидува да го пронајде чудото, а тоа е ласерот. Ова јасно го покажува целосниот неуспех на мисијата“, вели Зеленски.

Во меѓувреме, од руското Министерство за одбрана информираа дека се предале вкупно 1.730 украински војници од фабриката за челик Азовстал во Мариупол.

Тие престанаа да се борат и излегоа, откако Киев им нареди да го напуштат последното упориште на отпорот во веќе срамнетиот со земја пристанишен град. Сите тие сега се соочуваат со неизвесна судбина.

Украина се надева на размена на затвореници, но Русија се закани дека на некои ќе им се суди за воени злосторства.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.