Русија нема да дозволи понатамошен извоз преку Црното Море по нејзината најавена суспензија на договорот за жито со Украина.

Договорот „не треба да се спроведува без нас“ изјави рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензија на денешниот состанок на Советот за безбедност на ОН во во Њујорк.

Не можеме да дозволиме непречен премин на пловни објекти без наша инспекција, рече Небензија, пренесува ДПА.

Реакцијата на Русија доаѓа откако ОН изнесе став дека извозот на жито може да продолжи и договорот останува во сила.

Во саботата, Русија го суспендираше договорот, постигнат со посредство на Турција и ОН. Москва како причина ги наведе нападите со беспилотни летала на Киев врз нејзината Црноморска флота.

Претходно денеска Кремљ оцени дека За Украина би било ризично да продолжи да извезува жито преку Црното Море откако Москва го прекина учеството во договорот.

Во услови кога Русија зборува за неможноста да се гарантира безбедноста на превозот во тие области, таков договор е тешко изводлив и добива поинаков карактер – многу поризичен, опасен, без гаранции, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој ја обвини украинската страна дека со своите постапки ги прекршила условите од договорот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.