Властите на Крим наредија отпочнување на воена обука на деца. Според објавите на руските медиуми станува збор за основна воена подготовка, а видео од тековните вежби на Твитер објави новинарот на Би Би си Френсис Скар.

Крим беше една од појдовните точки на руската воена операција, а полуостровот е под руска контрола од 2014 година, кога се припои кон Русија.

Министерството за одбрана на Русија на 1 април ќе почне нова кампања за регрутирање со цел потпишување договори со 400.000 професионални војници, јавува Радио Слободна Европа, повикувајќи се на повеќе регионални медиуми.

Министерството, наводно, испратило наредби до руските региони во кои се наведува бројот на луѓе со кои мора да се потпишат воени договори.

Медиумите информираат и дека жителите на руската област Воронеж почнале да добиваат покани за воени канцеларии, како што тоа го направија во септември минатата година по таканаречената делумна мобилизација што ја најави рускиот претседател Владимир Путин.

Локалните власти пак тврдат дека жителите се повикани во канцелариите за регрутирање само за да ги ажурираат информациите за нивната воена регистрација.

На крајот на октомври минатата година Путин и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјавија дека мобилизацијата е завршена, но указот за „делумна мобилизација“ остана на сила.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.