Русија ќе побара свикување на состанок на Советот за безбедност на ОН за истекувањето на гасот откриено на гасоводите Северен тек 1 и 2, откако го повика претседателот на САД, Џо Бајден да каже дали тие се одговорни за саботажата, објави руската дипломатија.

„Русија има намера да свика официјална седница на Советот за безбедност на ОН по провокациите поврзани со гасоводите Северен тек 1 и 2“, објави на Телеграм портпаролката на руската дипломатија Марија Захарова.

Руската дипломатија претходно побара одговори од Џо Бајден за причината за истекувањето во Балтичкото Море.

„Американскиот претседател мора да одговори дали САД ја извршија својата закана“, напиша таа на Телеграм, осврнувајќи се на изјавата на Бајден на почетокот на февруари дека Вашингтон ќе го укине Северен тек 2 доколку Москва воено интервенира во Украина.

„Ако Русија ја окупира (Украина), нема да има повеќе Северен тек 2“, рече Џо Бајден на 7 февруари, две недели пред руската офанзива.

Европската унија најави одлучен одговор на „секое намерно нарушување на европската енергетска инфраструктура“.

Поради истекување на гас, се послаби се изгледите за неизбежно обновување на руските испораки во Европа.

Поправка на оштетениот гасовод Северен тек 1 е една од опциите по проценката на штетата, рече операторот во средата, при што аналитичарите посочуваат дека гасот од Русија може да стигне и до Европа преку преостанатиот неоштетен гасовод.

Операторот на гасоводот „Северен тек“ сака да ја утврди штетата што е можно поскоро, односно штом владите ја укинат забраната за пристап до зоната на истекување гас, рече портпаролот.

Тој одби да даде детали за можните трошоци и кој ќе ги сноси.

Портпаролот на компанијата „Северен тек 2“, Улрих Лисек, изјави дека „во моментов никој не може сериозно да каже каква е ситуацијата таму долу“, но дека „структурниот интегритет на гасоводот секако е многу нарушен“.

Истражувањето или поправката на гасоводот на компанијата најверојатно ќе биде попречено бидејќи од почетокот на годината е под американски санкции.

Аналитичарите, од друга страна, сметаат дека рускиот гас сепак би можел да пристигне во Европа преку гасоводот „Северен тек 2“ со капацитет од 27,5 милијарди кубни метри гас годишно.

Алексеј Гривач од Фондот за национална енергетска безбедност со седиште во Москва, рече дека гасоводот сè уште треба да се тестира и дека сè уште е под оперативен притисок.

„Ако работите се решат, може да функционира, под услов да има дозвола од регулаторот“, рече Гривач.

Со неговата оценка се согласува Игор Галактинов од брокерската куќа BCS Mir Investitsiy.

„Судејќи според јавно достапните информации, една линија остана неоштетена. Теоретски, доколку се донесе политичка одлука и се постави опрема за преработка на гас, можно е снабдување преку тој приклучок“, вели Игор Галактинов.

Гаспром не одговори на барањето да ги коментира тие проценки.

Европа започна истрага за истекување на големо количество гас од два руски гасоводи во Балтичкото Море. Шведска, Германија и Данска шпекулираат дека се работи за саботажа, но не наведуваат кој стои зад тоа.

Германија го блокираше проектот за гасоводот Северен тек 2, кој требаше да ги удвои испораките на руски гас, откако Русија официјално призна два отцепени региони во источна Украина, само два дена пред почетокот на нејзината инвазија на соседната земја.

Гасоводот оди речиси паралелно со Северен тек 1. Неговата изградба започна во 2011 година и беше завршена во септември 2021 година, но гасоводот никогаш не профункционира.

Германската мрежна агенција ја прекина процедурата за сертификација во ноември минатата година со образложение дека операторот мора да биде регистриран во Германија, а не во Швајцарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.