Русија бара столари и ѕидари за изградба на ровови и утврдени позиции на Крим. Како што објави „Bulgariamilitary.com“, тоа може да се заклучи од огласите објавени на сајтот „Авито“, кој е руски еквивалент на „И-Беј“ (eBay).

Се нудат различни опции, со акцент на работа во опасна област, пренесува порталот.

Според објавените огласи за работа, се плаќа од 2.000 рубли (26 долари) до 7.000 рубли (90 долари) дневно. Во понудата може да се најдат различни работни места. Во некои огласи се нуди сместување во делот на работа, во други нема такво нешто.

Во огласите генерално се наведува целодневно работно време и се забранува употреба на алкохол и дрога под закана дека ќе бидат отпуштени без плата.

Обемот на работа е многу голем, тука работиме од јануари“, се вели во еден оглас.

Податоците од страницата покажуваат дека има и такви кои сакаат таква работа, особено меѓу работниците од Крим, пишува порталот. Според достапните информации, цели градежни екипи ги понудиле своите услуги. Еден тим од 80 луѓе изразил желба веднаш да се зафати со работа.

Со искуство во изградбата на утврдувања во регионот на Запорожје, подготвени сме да извршиме работа на територијата на Република Крим за плата од 50.000 рубли (653 долари) по смена, сами ќе најдеме сместување и храна, велат од градежниот тим.

Во исто време, јасно е дека се вклучени и компании од рускиот дрвен сектор. Според еден извештај, руска компанија од Ленинградската област произведува 25-30.000 оклопи месечно, за 10.200 рубли по парче.“ Компанијата веќе објавила оглас во кој бара работници и столари.

Многу други изведувачи бараат работници за изградба на ровови околу Красноперекопск на стратешки важниот премин Перекоп. Тоа е главниот копнен пат до Крим и бил утврдуван и напаѓан повеќе од 2.000 години.

Работата во таа област стана опасна, велат локални извори. Според некои извештаи, украинските сили користат дронови за бомбардирање или пукање на градилиштата. Има извештаи за повредени цивили, како и загинати работници. Според различни извори, значителен дел од работната сила таму се иселеници од Централна Азија и Африка.

Градежните работи на границите на Крим се сигнал дека тој ќе биде најверојатната цел на украинската пролетна офанзива, на што укажува и цената што Русија ја плаќа за нејзино зајакнување, пишува порталот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.