Бројот на илегални пристигнувања на мигранти во Италија преку Медитеранот од Северна Африка се зголеми на речиси 114.300 во периодот од јануари до август, што е речиси двојно повеќе од истиот период во 2022 година, покажуваат денеска податоците на европската гранична агенција Фронтекс.

Илјадници мигранти кои го минуваат централниот Медитеран заминуваат од Тунис и Либија кон Европа и пристигнуваат во Италија.

Таа многу опасна мигрантска рута во моментов претставува половина од нередовните пристигнувања во ЕУ оваа година, наведува агенцијата на ЕУ.

Мигрантите кои пристигнуваат преку централниот Медитеран се главно од Брегот на Слоновата Коска, Египет и Гвинеја.

Зголемениот мигрантски притисок на оваа рута би можел да продолжи и во наредните месеци, шверцерите ги намалуваат цените за мигрантите кои заминуваат од Либија и Тунис во контекст на жестоката конкуренција меѓу криминалните групи, се наведува во соопштението на Фронтекс.

Според податоците на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), од почетокот на годината повеќе од 2.000 луѓе ги загубиле животите или се водат како исчезнати обидувајќи се да го поминат преминот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.