Додека Европската унија воведува санкции против Русија, увозот на руски течен природен гас (ЛНГ) во Унијата се зголеми за 9% во првата половина од годинава, открива истражувачката организација Центар за енергетски истражувања (CREA) со седиште во Финска. Француските медиуми, пак, тврдат дека Франција двојно го зголемила увозот на ваков гас од Русија што ја става на врвот на списокот на земји од Унијата кои увезуваат руски гас.

Ова, според Центарот, ја прави ЕУ најголем увозник на руски ЛНГ, по почетокот на војната во Украина. Според Центарот, ЕУ купува повеќе од половина од извезените руски количини (54%), додека Кина многу помалку односно 22%, а Јапонија купува 18% од рускиот течен гас.

Француските медиуми тврдат дека испораките на руски ЛНГ во Франција се зголемени за повеќе од двојно во првата половина од оваа година, од 2 на 4,4 милијарди кубни метри.

Француското министерство за финансии и економија овие бројки ги правда со нападите на бунтовниците Хути врз трговските бродови што пловеа низ Суецкиот канал, кои бараа пренасочување на увозните рути. Бидејќи гасот од Блискиот Исток повеќе не може лесно да стигне до Европа, затоа руската рута е активирана.

Освен Франција, најголеми увозници на руски ЛНГ се Белгија и Шпанија.

Европските земји дневно уплаќаат 664 милиони евра во рускиот буџет (за купување на сите енергетски производи, главно нафта и гас), додека на почетокот на војната со Украина, просечната дневна сума малку надмина една милијарда евра, покажуваат податоците на CREA.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.