На европските берзи најважните индекси зајакнаа во понеделник додека инвеститорите ја чекаат одлуката на Европската централна банка (ECB) за каматните стапки кон крајот на седмицата.
Паневропскиот индекс Stoxx 600 во првиот дневен пресек од тргувањето порасна за 0,64 отсто, при што сите секторски индекси, особено технологијата, забележаа раст од 1,6 отсто, а туризмот за 1,5 отсто. Истовремено, франкфуртски DAX зајакна за 0,8 отсто, на 18.646 поени, лондонски Ftse за 0,54 отсто, на 8.319 поени, а париски CAC за 0,7 отсто, на 8.048 поени.
Европската централна банка (ECB) се состанува во четврток, а инвеститорите очекуваат таа да ги намали трошоците за задолжување првпат од 2019 година за четвртина процентен поен. Ова ќе биде првпат во историјата ECB да започне циклус на намалување на каматните стапки пред американската централна банка Федералните резерви (Federal Reserve – Fed).
Сепак, инвеститорите внимателно ќе ги слушаат изјавите на европските монетарни функционери за да видат како тие гледаат на забрзувањето на инфлацијата првпат од почетокот на годината, од 2,4 отсто во април на 2,6 отсто во мај, односно како тоа ќе да се одрази во натамошното темпо на намалување на каматните стапки во еврозоната.
Аналитичарите предвидуваат дека централната банка на Велика Британија (Bank of England – BoE) внимателно ќе ги следи потезите на ECB, позиционирајќи се брзо да го следи примерот во започнувањето на циклус на намалувања на каматните стапки. BoE ќе се состане за две седмици за да разговара за каматните стапки.
Инвеститорите, исто така, внимателно ќе следат низа економски податоци кои треба да се објават, вклучително и податоци за индустриското производство за мај во Шпанија, Франција и Германија за нови насоки.
На токиската берза индексот Nikkei во понеделникот порасна за 1,13 отсто, на 38.923 поени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.