Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија предупреди дека сушата што моментално ја погодува Европа, може да биде најлошата во изминатите 500 години.

Андреа Торети, виш истражувач во Центарот, истакнува дека според моменталните податоци, што не се конечни затоа што годината не е завршена, се чини оти сушата ќе биде полоша од таа од 2018 година.

Според неговото мислење, тоа што најмногу предизвикува загриженост во наредните три месеци е големиот ризик од екстремно сушен период во централна и западна Европа.

Сушите особено ги погодија реките во Европа. Така, нивото на водата на Рајна предизвика големи проблеми во Холандија. Меѓу најпогодените реки е По во Италија. Водостојот на реката во текот на јули беше на најлошо ниво во изминатите 70 години. Реката По наводнува една третина од земјоделското производство во Италија.

Поради суша, без питка вода во Франција останаа над 100 општини. Премиерката предупреди дека државата се соочува со најголемата суша забележана некогаш во земјата. Во Холандија, исто така, е прогласен официјален недостиг на вода.

Климатските промени годинава особено се одразија во Велика Британија, каде, според официјални податоци, јули бил најсушен од 1935 година.

Резервоарите за вода во Шпанија, поради сушата, се исполнети само до 40,4 отсто од нивниот капацитет. Тоа е за 20 проценти помалку од просекот во изминатите десет години за овој период. Официјални лица повикаа да се ограничи употребата на вода, особено во регионот на Андалузија, што е еден од најголемите производители на храна во Европа.

Властите во Португалија пријавија дека над 1.000 смртни случаи во земјата се поврзани со високите температури. Здравствениот институт Карлос Трети процени 510 смртни случаи.

Голем проблем во Европа годинава предизвикаа и пожарите. Особено се опустошени подрачјата на југоисточна Франција и Шпанија. Поради пожари, земјите во еден момент мораа да евакуираат над 15.000 свои жители.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.