Кинескиот мировен предлог е добра основа за ставање крај на војната во Украина, изјави рускиот претседател Владимир Путин по посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва. Проблемот е во фактот дека Западот решил да се бори против нас до последниот Украинец, изјави Путин, додавајќи дека Русија ќе одговори соодветно на одлуката на Велика Британија да ѝ достави гранати со осиромашен ураниум на украинската војска. Ваквото оружје претходно силите на НАТО го користеа во војните во Ирак, и во нападите на Југославија.

Денеска дознавме дека Обединетото Кралство, според зборовите на нивниот заменик-министер за одбрана, не само што ќе ѝ достави тенкови на Украина, туку исто така и муниција со осиромашен ураниум. Се чини дека Западот навистина има намера да се бори против Русија до последниот Украинец, но не само со зборови туку и со дела. Во овој поглед, сакам да кажам дека доколку тоа се случи, Русија ќе одговори соодветно, земајќи предвид дека Западот започнува да користи оружје со нуклеарна компонента, рече Путин.

Според шефот на руската држава, кинескиот мировен предлог содржи повеќе одредби кои може да послужат како основа за завршување на војната. Сепак, тој оцени дека постапките на Западот покажуваат дека мирот е последното нешто за што тие во моментов размислуваат.

Си Џинпинг, кој со индигнација досега ги отфрлаше коментарите кои доаѓаа од НАТО и Вашингтон Кина да не помислува да ѝ продава оружје на Русија, индиректно возврати со критика на Западот, кој веќе подолго време ја вооружува Украина, објаснувајќи дека Пекинг останува на страната на мирот и дијалогот и на правилната страна на историјата.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, од Брисел порача дека за условите за мир, одлуките треба да ги носи официјален Киев.

Украина треба да одлучи кои се прифатливите услови за можното мирно решение. Затоа Кина треба да почне да ја разбира украинската перспектива и директно да разговара со претседателот Зеленски, доколку е сериозна, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.