Претседателот на Русија Владимир Путин денеска во Астана, главниот град на Казахстан, на маргините на 24-от Самит на шефови на држави на Организацијата за соработка во Шангај се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Шангајската организација за соработка денес е еден од клучните столбови на праведниот светски поредок, посочи Путин по средбата со Си Џипинг.

Тој додаде дека Русија и Кина не формираат никакви блокови, оти соработката помеѓу двете земји не е насочена против други, туку Москва и Пекинг дејствуваат во интерес на своите народи.

Како што јавуваат турските медиуми, Ердоган и Путин зборувале за билатерални и глобални прашања.

Со Русија разговараме и за нуклеарната централа во Синоп. Верувам дека ќе преземеме сериозни чекори во овој поглед, рече Ердоган, мислејќи на планираната изградба на централа во црноморскиот регион Туркије.

Тоа ќе биде втора нуклеарна централа во Турција, заедно со Акуја во Мерсин во јужна Турција, и втора изградена во партнерство со Москва.

Нашата цел е да постигнеме обем на трговска соработка во износ од 100 милијарди долари меѓу Турција и Русија, веќе имаме потенцијал за тоа, рече турскиот претседател.

Путин на средбата со Ердоган рече дека и покрај сите тешкотии во светот, односите меѓу Русија и Турција напредуваат чекор по чекор.

Тој го истакна напредокот во нивните „стратешки проекти“ и рекордните бројки во туризмот, со 6,7 милиони руски туристи што ја посетиле Турција минатата година.

На средбата во Астана, Ердоган го покани Путин да ја посети Турција, а рускиот претседател изјави дека посета на Анкара секако ќе има.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.