Рускиот претседател Владимир Путин нема да склучи мир во Украина додека не ги знае резултатите од американските избори во ноември 2024 година, изјави синоќа висок функционер на американскиот Стејт департмент. Трамп, кој бара реизбор во 2024 година и е фаворит за републиканската претседателска номинација, остро ја критикуваше американската поддршка за Киев.

Висок функционер на Стејт департментот, кој ги брифираше новинарите по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, рече дека Алијансата ја потврдува својата поддршка за Украина, знаејќи дека мировен договор следната година е малку веројатен.

„Моите очекувања се дека Путин нема да склучи мир, или барем суштински мир, пред да го види исходот од нашите избори“, рече функционерот, кој побара да не биде именуван.

„Ова беше контекстот во кој сите сојузници изразија силна поддршка за Украина“ на состанокот на НАТО, додаде изворот, без да го спомене Трамп по име или да каже конкретно како изборниот резултат ќе влијае на поддршката за Украина.

Американскиот претседател, демократот Џо Бајден, обезбеди огромна воена помош и други форми на поддршка за Киев по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година, но дополнителното финансирање за Украина беше одложено од Претставничкиот дом, контролиран од републиканците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.