Рускиот претседател Владимир Путин денеска на средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг ги осуди обидите на Западот да создаде „униполарен свет”, а Си му рече на Путин дека Кина сака да ја преземе својата улога на „голема сила” со Русија.
Путин и Си се сретнаа на самитот на Шангајската организација за соработка кој се одржува во Самарканд, Узбекистан, за прв пат по руската инвазија на Украина. „Обидите да се создаде униполарен свет добија една апсолутно грда форма и се целосно неприфатливи“, му рече Путин на кинескиот претседател.
„Ние многу го цениме урамнотежениот став на нашите кинески пријатели по прашањето за украинската криза“, додаде Путин, чија земја е под строги западни санкции поради инвазијата на Украина.
Пекинг ниту ја поддржа ниту ја осуди руската инвазија, но во повеќе наврати ја поддржа Русија соочена со санкции.
Путин ја повтори поддршката на Кина во врска со Тајван, потврдувајќи ја политиката на „една Кина“ и осудувајќи ја „американската провокација“, алудирајќи на посетата на Тајван на високи американски претставници, вклучително и на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.
На собирот во Узбекистан, Си му рече на Путин дека Кина сака да ја преземе својата улога на „голема сила“ со Русија. „Кина сака да соработува со Русија за да ја преземе одговорноста на голема сила, да игра водечка улога и да донесе стабилност и позитивна енергија во светот во хаос“, рече Си.
Членки на Шангајската организација за соработка се Кина, Русија, Индија, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Таџикистан и Узбекистан. Досега Иран имаше статус на набљудувач како Белорусија и Монголија. Ерменија, Азербејџан, Камбоџа, Непал, Шри Ланка и Турција се сметаат за партнерски земји на Шангајската организација за соработка.
Три недели пред почетокот на Зимските олимписки игри, Путин го посети Си. По тој повод најавија „пријателство без граници“ меѓу двете земји и потпишаа повеќе договори, особено во областа на енергетиката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.