Рускиот претседател Владимир Путин му се извинил на израелскиот премиер за неодамнешната скандалозна изјава на неговиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Шефот на руската дипломатија во интервју за италијанска телевизија во неделата изјави дека нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер имал еврејски корени додавајќи дека најжестоките антисемитисти обично се Евреи.
Следуваше гневна реакција од Израел. Израелскиот министер за надворешени работи изјавата на Лавров ја нарече непростлива и скандалозна, а на разговор беше повикан и рускиот амбасадор во Израел. Израел исто така побара и извинување од Русија.
Според израелскиот новинар, Барак Равид, кој се повикува на соопштение од кабинетот на израелскиот премиер, Владимир Путин денеска му се извинил на Нафтали Бенет за изјавите на Сергеј Лавров.
Ова се случило за време на телефонски разговор меѓу Путин и израелскиот премиер Бенет.
Премиерот го прифати извинувањето на претседателот Путин за изјавите на Лавров и му се заблагодари за појаснувањето на односот на претседателот кон еврејскиот народ и сеќавањето на холокаустот, се вели во соопштението од кабинетот на Бенет, кое го пренесе „Вашингтон пост“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.