Рускиот претседател Владимир Путин разговарал денес телефонски со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и му изнел прецизни барања на Русија за прекин на инвазијата во Украина.

Половина час по завршувањето на телефонскиот разговор, Би-би-си разговарал со советникот и портпарол на Ердоган Ибрахим Калин. Калин бил дел од малата група функционери кои го слушале разговорот.

Руските барања спаѓаат во две категории. Според Калин, првите четири барања не се тешки за Украина да ги исполни.

Главното е прифаќање на Украина да биде неутрална и да не се пријавува за придружување во НАТО. На тоа веќе начелно се согласи украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Постојат и други барања во оваа категории кои главно изгледаат како елементи кои на руската страна ѝ го „спасуваат образот“. Украина би морала да мине низ процес на разоружување за да обезбеди дека не ѝ претставува закана на Русија. Во Украина би морала да постои заштита на рускиот јазик. А тука е и денацификацијата.

Турската страна верува дека Зеленски тоа може да го прифати. Можеби ќе биде доволно Украина да ги осуди сите облици на неонацизам и да вети дека ќе ги сузбие, пишува Би-би-си.

Втората категорија е онаа во која може да има тешкотии, а во телефонскиот разговор Путин кажал дека ќе бидат потребни директни преговори меѓу него и Зеленски пред да се постигне договор за тие точки. Зеленски веќе кажа дека е спремен да се сретне со рускиот претседател и да преговара со него еден на еден.

Калин бил помалку конкретен за тие прашања, кажувајќи само дека станува збор за статусот на Донбас во источна Украина, чии делови веќе се одвоија од Украина. Иако Калин не навлегол во детали, претпоставката е дека Русија ќе бара украинската влада да се откаже од териториите во источна Украина, што ќе биде спорно.

Втората претпоставка е дека Русија ќе бара Украина формално да го прифати Крим како руски. Тоа за Украина ќе биде тешко да го прифати.

Барањата на Путин не се толку остри како што се плашеа некои на Западот, пишува Би-би-си. Имајќи ја предвид неговата контрола над руските медиуми, не би требало да биде проблем Кремљ ова да го прикаже како голема победа. Но, дури и ако успее да го прикаже договорот со Киев како голема победа над неонацизмот, неговата позиција дома ќе биде ослабена, пишува британскиот јавен сервис.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.