Кинескиот претседател Кси Џинпинг и неговиот руски колега по должност и домаќин Владимир Путин во вторникот ги завршија дводневните разговори со топли зборови за пријателството меѓу Кина и Русија и заеднички критики на сметка Западот, но без знаци за дипломатски напредок околу Украина.

Посетата на Кси на Москва, што беше поздравена и од руската страна како знак на поддршка од нејзиниот најмоќен пријател и сојузник, беше обележана со демонстрација на црвесто и „нераскинливо“ пријателство. Двајцата челници меѓусебно се нарекоа „драги пријатели“, навестија продлабочување на економската соработка и ги опишаа односите на нивните земји како најдобрите досега во историјата.

Заедничката изјава ги вклучува познатите обвинувања против Западот, особено на сметка на САД дека ја поткопуваат глобалната стабилност и дека НАТО навлегува во азиско-пацифичкиот регион.

Во врска со војната во Украина, Путин го пофали Кси за мировниот план што го предложи минатиот месец и ги обвини Киев и Западот за негово отфрлање.

„Ние веруваме дека многу од одредбите на мировниот план претставен од Кина се во согласност со руските пристапи и може да се земат како основа за мирно решение кога ќе бидат подготвени за тоа оние на Западот и во Киев. Сепак, досега ние не виделе таква подготвеност од нивна страна“, рече Путин.

Кси одвај го спомна конфликтот, велејќи дека Кина има „непристрасна позиција“ за тоа.

Наспроти самитот во Москва, западните сојузници на Украина го спротиставија како значајна ненадејната посета на јапонскиот премиер Фумио Кишида на Киев, каде што се сретна со претседателот Володимир Зеленски.

Киев го смета неговото доаѓање во земјата за време на војната за „историско“. Кишида е единствениот лидер на земја од групата Г7 кој досега не бил во Киев.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.