Претседателот Владимир Путин денеска нареди зголемување на пензиите и минималната плата за десет отсто со цел да се ублажи влијанието на инфлацијата, но негираше дека сите економски проблеми на Русија се поврзани со војната во Украина.
Со годишната инфлација близу 18 отсто минатиот месец, лидерот на Кремљ призна дека 2022 година ќе биде „тешка“ година за руската економија.
„Кога велам ‘тешка’, тоа не значи дека сите овие тешкотии се поврзани со специјалната воена операција“, рече Путин на состанокот на Државниот совет во Москва, пренесе Ројтерс.
„Затоа што во земјите што не вршат никакви операции, на пример, во Северна Америка, во Европа – инфлацијата е споредлива и, ако се погледне структурата на нивните економии, дури е и повисока отколку кај нас.“
Ројтерс забележува дека неговите коментари го игнорираат фактот дека инфлацијата во западните економии делумно е директна последица на руската војна во Украина, што доведе до зголемување на цените на енергенсите и храната низ целиот свет.
Зголемувањето на пензиите стапува во сила од 1 јуни, а на минималните плати еден месец подоцна. Аналитичарите велат дека чекорите нема да спречат остар пад на реалните приходи.
Путин, чија поддршка по инвазијата на Украина се зголеми за повеќе од 10 проценти, на 82 отсто, според априлската анкета на независниот центар Левада, во март вети дека оваа година ќе ги намали сиромаштијата и нееднаквоста и покрај парализирачките западни санкции и високата инфлација.
Истражувачкиот и експертски институт на банката ВЕБ објави дека зголемувањето на социјалните бенефиции ќе забави, но нема да го спречи падот на реалните приходи, на платите и пензиите на Русија, бидејќи се зема предвид инфлацијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.