Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека експлозијата на клучниот мост што го поврзува Крим со Русија е терористички чин, планиран од украинските специјални служби.
„Нема сомнеж. Ова е терористички акт чија цел е уништување на критично важна цивилна инфраструктура“, рече Путин во видеото на каналот Телеграм на Кремљ, пренесе Ројтерс.
Според него, тој бил дизајниран, имплементиран и нарачан од украинските специјални служби.
Путин претходно на состанокот со претседателот на Истражниот комитет Александар Бастрикин изјави дека извршители и нарачатели на експлозијата на мостот на Крим биле специјалните служби на Украина, пренесе РИА Новости.
Претседателот на Истражниот комитет најави поведување на кривична постапка по член „тероризам“. Тој го информирал Путин и за идентитетот на осомничените кои учествувале во подготовката на бомбашкиот напад.
Утрото на 8 октомври одекна експлозија на мостот на Крим – беше разнесен камион, по што се запалија седум цистерни со гориво од воз што се движеше по железничкиот дел на преминот. Како резултат на тоа, двете патни делници на Кримскиот мост делумно се урнаа, но лачните носачи не беа оштетени.
Прексиноќа сообраќајот на мостот беше обновен, но во наизменичен режим и само за автомобили. Подоцна железничкиот сообраќај беше обновен и сега возовите сообраќаат според распоредот. Камионите и автобусите мора да го користат траектот. Истражниот комитет на Русија покрена кривична постапка. Инспекторите утврдиле дека камионот што експлодирал бил сопственост на жител на Краснодарската територија.
Според првичните информации, во експлозијата загинале три лица – патници на патнички автомобил кој бил покрај камионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.