Забраната за носење исламски шамии во училиштата предизвика протести меѓу муслиманите во Јужна Индија, каде што многумина денеска излегоа на улиците за да протестираат против ваквите ограничувања.

Опозицијата во Карнатака ги изрази стравувањата на малцинската заедница поради, како што велат, растечкиот прогон предводен од хинду националистичката влада на премиерот Нарендра Моди.

Минатиот месец, на средношколките им беше наредено да не носат хиџаб, уредба што набрзо се прошири во најмалку две други училишта во државата.

– Ова е дискриминаторски во суштина и исто така е спротивно на правата утврдени во уставот на Индија, рече Сумаја Рушан, претседател на Исламската организација на девојките во Карнатака.

Рушан рече дека забраната ги нарушува „личните избори на кои учениците имаат право и кои не му штетат на никој друг“.

Според локалните медиуми, едно од училиштата делумно се повлекло, дозволувајќи им на муслиманските ученички да посетуваат часови со хиџаб, но им било наложено да седат во посебни училници.

Двете други училишта кои забранија носење хиџаб објавија одмор и денеска ја затворија институцијата.

Десничарската партија на Моди, Бхаратија Џаната е на власт во државата Карнатака, а неколку истакнати членови ја поддржаа забраната, која беше критикувана од други политички лидери.

„Со дозволувањето хиџабот да наштети на образованието на ученичките, ние ја ограбуваме иднината на ќерките на Индија“, напиша Рахул Ганди од опозицискиот Конгрес минатата недела на Твитер.

Се очекува највисокиот државен суд утре да ги разгледа петициите и да одлучи дали ќе ги укине забраните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.