Чешкото претседателство со ЕУ ја отвори темата за укинување на едногласно одлучување во одредени области од надворешната политика, при што проширувањето на Унијата иако не е висок приоритет, сепак е дел од дебатите, јави дописничката на МИА од Брисел.
Министерот за европски работи на Чешка, Микулаш Бек, на прес-конференцијата денеска по Советот за општи работи на ЕУ, призна дека не е преголем оптимист дека до крајот на чешкото претседавање ќе се постигне успех за овој предлог да се премине од едногласност на квалификувано мнозинство во надворешната и безбедносната политика во Советот на ЕУ, но рече и дека не се откажува.
Прага од земјите членки побара да ги дадат своите размислувања, кои делови од надворешната и безбедносната политика прифатливо би поминале под гласање со квалификувано мнозинство.
Главната цел на оваа расправа е да се надминат блокадите на земји како Унгарија во санкциите против Русија, но министерот Бек потсети и на говорот на германскиот канцелар Олаф Шолц, кој неодамна посочи дека е време и одлуките за проширување да бидат ослободени од едногласното одлучување.
Некои од поранешните силни противници (на квалификуваното мнозинство) се и силни поддржувачи на проширувањето, го слушнавме говорот на канцеларот Шолц, рече тој споменувајќи ја поврзаноста со проширувањето и потребата да се промени начинот на одлучување.
За министерот Бек најпродуктивно во овој момент е да се добие генерална и широка слика од сите земји членки, каде се тие подготвени да попуштат за едногласното одлучување и истакна дека во овој дел важни елементи се теми како транснационални листи за ЕУ изборите, проширувањето и влезот на Украина во заедничкиот пазар на ЕУ, итн.
Не сум преголем оптимист, но не е сѐ изгубено. Има важни теми на маса, изјави Бек, повикувајќи уште еднаш да се има големата геополитичка слика на ум.
На прашање на МИА дали станало збор и конкретно за укинување на едногласноста во областа на проширувањето, чешкиот министер одговори дека „проширувањето не беше официјална главна тема“.
Но, некако беше присутно во дискусијата за процесот на одлучување, повеќе земји членки го споменаа како релевантен контекст во дебатата и чешкото претседателство е многу посветено на процесот на проширување, многу е важно да биде присутен контекстот во дебатата за институционални промени, изјави Бек на прес-конференцијата попладнево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.