Иако новиот Закон за задолжителна вакцинација во Австрија требаше денеска да стапи во сила, сепак за негова примена мора да почека одобрение од покраинскиот дом на Парламентот и потпис од претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен.
Австрискиот парламент со големо мнозинство го усвои Законот за воведување задолжителна вакцинација против коронавирусот, но за тој да стапи во сила потребно е истото да го стори и покраинскиот дом, кој следната седница ќе ја одржи в четврток. Се очекува дека Законот ќе го мине гласањето, а потоа ќе оди на потпис кај претседателот, што би значело дека задолжителната вакцинација најрано би можела да почне на 4 февруари.
Законот предвидува дека сите полнолетни граѓани кои живеат во Австрија мора да бидат вакцинирани против коронавирус. Согласно донесениот закон, во првата фаза граѓаните ќе имаат, како што посочуваат од Министерството за здравство, можност да ја исполнат својата обврска и да се вакцинираат.
Во првата фаза, Министерството ќе ги информира граѓаните за новата обврска и ќе се обиде да ги поттикне оние кои се уште не го сториле тоа да се вакцинираат. Во втората фаза, која ќе стапи во сила на 15 март, ќе почне казнувањето. Од тој датум, полицијата при секоја контрола може да го проверува вакциналниот статус, а прекршувањата на законот за задолжителна вакцинација да ги пријави до надлежните органи кои изрекуваат глоба до 600 евра. Од Министерството за здравство се надеваат дека граѓаните ќе ги платат казните по брза постапка, бидејќи, доколку поднесат претставка, можат да добијат и казна до 3.600 евра. Инаку, доколку казнетите поднесат жалба, тоа би можело да ги оптовари судовите кои веќе сметаат на повеќе од стотици илјади дополнителни тужби, кои државата ќе ја чинат 150 милиони евра.
Во третата фаза, за која се уште не е утврдено кога ќе се случи, надлежните врз основа на податоците од регистарот за вакцинација ќе утврдат кој не е вакциниран и ќе го казнат. Таа трета фаза, се шпекулира, нема ни да се применува.
Австриската влада при усвојувањето на законот за задолжителна вакцинација посочи дека тој нема да влијае на бранот зарази што го носи сојот омикрон, туку е подготовка за есен до кога може да се појават нови варијанти и нови бранови.
Инаку, Австрија е првата земја во Европа која воведе општа обврска за вакцинирање, за што веќе разговараат и многу други земји, како на пример Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.