Презентерка на вести на Би-би-си, која случајно беше фатена како покажува среден прст на почетокот на програмата, се извини за, како што рече, „глупавата шега“ која била наменета за колегите, но не и за гледачите.

Мерјам Мошири, една од главните водителки на Би-би-си, во средата беше фатена во кадар како на пладневното издание на вестите покажува среден прст, по завршувањето на препознатливото одбројување до почетокот на програмата.

Таа брзо ја спушти раката и го смени изразот на лицето пред да почне да ги чита насловите на вестите.

Презентерката се извини на социјалната мрежа „Х“, велејќи дека се шегувала со тимот, преправајќи се дека одбројува со прстите.

Кога стигнавме до 1, го свртев прстот како шега и не сфатив дека ова ќе биде фатено на камера. Тоа беше приватна шега со тимот и многу ми е жал што излезе во етер. Не ми беше намера ова да се случи и се извинувам ако навредив или вознемирив некого“, напиша таа.

Дел од граѓаните на Велика Британија го опишаа случајот како непрофесионален, искористувајќи го за да повикаат на дефинансирање на британскиот јавен радиодифузен сервис.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.