Горниот дом на рускиот Парламент денеска донесе одлука претседателските избори да се одржат на 17 март 2024 година.
Рускиот претседател Владимир Путин (71) се уште не соопштил дали повторно ќе се кандидира, но се очекува, сега кога се закажани изборите, тоа да го стори наскоро.
Портпаролот на Кремљ Димитриј Песков денеска ги повика на трпение новинарите кои го прашаа кога Путин, чиј сегашен мандат истекува следната година, ќе се кандидира за функцијата.
Според уставните реформи што ги спроведе, Путин има право да се кандидира за уште два шестгодишни претседателски мандати, што потенцијално ќе му овозможи да остане на власт до 2036 година.
Контролата што Путин ја доби за време на 20-те години на власт во Русија ја прави неговата победа на мартовските избори речиси сигурна. Уште повеќе поради фактот што истакнатите критичари кои би можеле да го предизвикаат и да го освојат одреден број гласови се или во затвор или во егзил, а повеќето независни медиуми се забранети.
Се чини дека скапата и долготрајна војна што Русија ја води во Украина и неуспешниот бунт што минатото лето го организираше неговиот близок соработник и шеф на платеничката вооружена група „Вагнер“ Евгениј Пригожин не влијаеше на поддршката од народот што ја ужива рускиот претседател.
Две лица најавија дека планираат да се кандидираат – поранешниот пратеник Борис Надеждин, кој има место во општинскиот совет во Московскиот регион, и Екатерина Дунцова, новинарка и адвокатка од регионот Твер северно од Москва, додека лидерот на опозицијата Алексеј Навални, кој е во затвор, ги повика своите поддржувачи да гласаат за кој било освен за Путин.
Поддржувачите на Игор Стрелков, уапсениот тврдокорен националист кој го обвини Путин дека покажува слабост и неодлучност во војната во Украина, ги најавија неговите амбиции да се кандидира, но обвиненијата за екстремизам што ги покренаа против него руските власти ги намалуваат шансите тоа да биде можно.
Останува да се види дали Путин ќе се кандидира самостојно или ќе го кандидира некоја партија. Тој се кандидираше како независен кандидат во 2018 година и беше законски обврзан да собере најмалку 300.000 потписи од 40 региони.
Кога се кандидираше како кандидат на партијата Единствена Русија во 2012 година, немаше потреба од собирање потписи.
Политичките аналитичари прогнозираат дека Путин сепак ќе се кандидира самостојно, иако парламентарната партија „Праведна Русија“ соопшти дека е подготвена да го предложи за свој кандидат и дека собирањето потписи ќе биде изговор за тој да ја промовира кампањата во регионите.
Централната изборна комисија планира да спроведе комбинација на онлајн гласање и „традиционално“ гласање со гласачки ливчиња во три изборни дена – практика усвоена за време на пандемијата што независните изборни набљудувачи ја критикуваа дека отвора можност за измама.
Станислав Аднрејчук, копретседател на Голос, истакната независна група за набљудување на изборите, рече дека само регистрираните кандидати или државните советодавни тела, Граѓанските комори, можат да назначат набљудувачи на избирачките места, намалувајќи ја веројатноста за вистински независни набљудувачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.