Претседателот на Шри Ланка, Готабаја Раџапакса, соопшти дека го замолил рускиот претседател Владимир Путин за помош за неговата земја за увоз на гориво.

Разговорот меѓу двајцата претседатели бил за време на викендот, откако министерот за енергетика предупреди дека Шри Ланка може да остане без гориво.

Го замолив Путин за кредитна поддршка за увоз на гориво. Понизно побарав да продолжат летовите меѓу Москва и Коломбо. Едногласно се сложивме дека зајакнувањето на билатералните односи во сектори како туризам, трговија, култура, се најважни во пријателството што го делат нашите нации – напиша Раџапакса на Твитер.

Изминативе месеци Шри Ланка веќе купуваше нафта од Русија, со цел да се зајакнат резервите гориво за време на кризата. Владата сигнализираше дека има волја да купи уште руски енергенти.

Недостигот од гориво, струја и храна во Шри Ланка трае со недели. Претседателот Раџапакса не успеа да ја реши најлошата економска криза ни со обезбедување финансиска поддршка од Кина и од Индија.

Во неделата, министерот за енергетика Канчана Вијесекера соопшти дека во земјата има бензин само за помалку од еден ден.

Минатиот месец во Шри Ланка беше забранета продажба на гориво во период од две седмици. Од владината одлука исклучени беа службите за јавен превоз, возовите, како и возила што се користат во итни служби и за достава на храна.

Паралелно, Владата донесе одлука во тој период да се затворат училиштата во урбаните подрачја, а граѓаните беа советувани да работат од дома.

Шри Ланка се наоѓа во најлошата економска криза уште од прогласувањето на независност во 1948 година.

Вчера стотици луѓе излегоа на улиците низ Коломбо, протестирајќи против Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.