Групата на социјалисти и демократи, втора по бројот на европратеници во Европскиот парламент, го поздрави наметнувањето санкции врз директорот на БИА Александар Вулин од страна на САД и ја повика ЕУ да го стори истото.

Ја поздравуваме одлуката на САД да го санкционираат Александар Вулин – директор на српската безбедносно-информативна агенција, поранешен министер за одбрана и внатрешни работи и експонент на Путин во Србија, објави групата на Твитер.

САД донесоа одлука да воведат санкции за Александар Вулин, кој е познат како марионета на официјална Москва, пренесе „Нова.рс“.

Како што се наведува во образложението на одлуката, Вулин е вмешан во „меѓународен организиран криминал, нелегална трговија со дрога и злоупотреба на јавна функција“.

Постапките на Вулин промовираа корупција во владините институции во Србија. Овие дела вклучуваат користење на неговиот авторитет за лична корист, вклучително и вмешаност во синџир за трговија со дрога. Тој ги искористи своите јавни позиции за да ја поддржи Русија, овозможувајќи го малигното влијание на Русија, а со тоа ја намалува безбедноста и стабилноста на Западен Балкан и ѝ обезбеди на Русија платформа за дополнително да го прошири своето влијание во регионот, се вели на веб-страницата на министерството за финансии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.