Повеќе од 130 британски пратеници ја повикаа британската Влада да ја забрани продажбата на оружје на Израел поради можно кршење на меѓународното хуманитарно право, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Во писмото, упатено до британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и потпишано од повеќе од 130 членови на двата дома на британскиот Парламент, се наведени слични чекори од други земји, вклучително и Канада, која најави дека ќе го замрзне извозот на смртоносно и несмртоносно оружје за Израел.
Според авторите на писмото, „вообичаената практика“ во врска со британскиот извоз на оружје во Израел е „целосно неприфатлива“. За време на двете претходни ескалации на конфликтот во Газа, Лондон ја прекина продажбата на оружје на Тел Авив, потсетуваат тие.
„Денес нивото на насилство извршено од израелската војска е многу повисоко, но владата на Велика Британија не успеа да дејствува“, се вели во писмото.
Парламентарниот притисок врз британската влада да ја забрани продажбата на оружје на Израел неодамна се засили поради знаците дека Израел има намера да ја игнорира овонеделната резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се повикуваат сите земји да се обврзат на прекин на огнот, пишува „Гардијан“.
САД рекоа дека резолуцијата не е обврзувачка, но Британија не го дели ова толкување, забележува британското издание.
Камерон ги засили критиките кон Израел во последните неколку недели, но владините министри велат дека одлуката за продажба на оружје мора да биде донесена по сложена правна проценка која зема предвид бројни фактори, вклучувајќи ги и напорите на Израел да ги минимизира цивилните жртви, додава „Гардијан“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.