Повеќе од три милиони новозараени со корона вирус на ден се регистрирани во просек во светот помеѓу 13 и 19 јануари, што е повеќе од петпати повеќе отколку на крајот на ноември кога се појави сојот Омикрон. Во изминатите седум дена во просек биле пријавени 3.095.971 случај на ден, што е зголемување за 17 отсто во однос на претходната недела.

Ширењето на Омикрон сојот, предизвика нагло забрзување на пандемијата во последниве недели: сегашните бројки се околу 440 проценти повисоки од 569.000 случаи дневно пријавени во просек помеѓу 18 и 24 ноември 2021 година, кога омикрон сојот на корона вирусот беше откриен во Јужноафриканската Република и во Боцвана.

Тековните податоци се значително повисоки од бројките во претходните бранови на Ковид-19 во светот. Пред појавата на омикрон, рекордот беше 816.840 случаи на ден кои беа пријавени во просек помеѓу 23 и 29 април 2021 година.

Во моментов, најголем пораст на инфекции има во Азија (385.572 случаи на ден во просек во последните седум дена, што е за 68 проценти повеќе од претходната недела), Блискиот Исток (89.900 заразени дневно, +57 проценти) и Јужна Америка и Карибите (397.098, +40 проценти).

И бројот на смртни случаи во светот моментално е во пораст (7.522 смртни случаи дневно во просек во последните седум дена, што е за 11 отсто повеќе од претходната недела) и тој број е поголем од бројките објавени кон крајот на ноември.

Тешките форми на болеста, сепак, се чини дека се поретки кај омикрон отколку кај делта, варијанта која претходно доминираше. Во Велика Британија, на пример, бројот на нови инфекции се зголеми за повеќе од 330 отсто во просек помеѓу крајот на ноември и почетокот на јануари. Во исто време, бројот на пациенти на респиратори не се зголеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.