Владата на Португалија најави дека проширувањето на Европската унија не треба да има фиксни рокови, дека нејзините институции мора да се реформираат за да се прилагодат на новите членки, особено кога станува збор за одлучување, но и дека е неопходно за земјите кандидати да ги исполнат своите задачи.

Не е мудро да се поставуваат фиксни или многу конкретни рокови. Процесот на проширување се заснова на сопствените заслуги на кандидатите и на проценката на нивниот капацитет и исполнувањето на критериумите од Копенхаген, рече Тијаго Антуњеш, државен секретар во Министерството за европски работи

Антуњеш додаде дека проширувањето на ЕУ ќе биде „централен дел“ на состанокот во Гренада.

Тоа е апсолутен приоритет, што од суштински геополитички причини доби ново значење, како за земјите од Западен Балкан, кои најдолго чекаат, така и за источното трио Украина, Молдавија и Грузија, рече тој.

Според него, Лисабон верува дека проширувањето на Европската Унија е инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста на континентот. – Сакаме тоа да се случи, се надевам што е можно поскоро, додаде Антуњеш.

На крајот на август, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека сака Европа да биде подготвена за проширување до 2030 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.