Германските комунални претпријатија проценуваат дека поради високите цени на гасот, до 15 отсто од нивните клиенти нема да можат да ги платат сметките за комунални услуги, изјави шефот на здруженијата VKU за медиумската групација Funke.

Околу 900 комунални претпријатија дистрибуираат две третини од гасот во Германија, а испорачуваат и струја, вода и топлинска енергија, го собираат отпадот и обезбедуваат широкопојасен пристап до интернет.

Претпријатијата купувале гас по многу високи цени, па се очекува дека од октомври ќе ги пренесат врз граѓаните низ планираните надоместоци за гасот.

Некои комунални претпријатија проценуваат дека до 15 отсто од клиентите нема да можат да ги платат сметките, вели во разговорот за Funke, директорот на Германското здружение на комуналните претпријатија (VKU), Ингберт Либинг.

Смета дека би требало да биде воведе мораториум на објавата на инсолвентност на добавувачите на енергијата, додавајќи и дека на претпријатијата ќе им биде потребна помош и есенва. Владата би требало да го намали ДДВ-то за гасот и струјата, предлага Либинг.

Социјалдемократска партија на Германија (SPD) веќе состави предлог кој предвидува заштита на комуналните претпријатија од инсолвентност, доколку бидат принудени да го набавуваат гасот по повисоки цени, напомнува агенцијата „Ројтерс“, повикувајќи се на документ од владејачката партија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.