Започнува во февруари: 45 компании и организации во Германија ќе воведат четиридневна работна недела за период од шест месеци. Вработените ја добиваат својата целосна плата, иако поминуваат значително помалку време во канцеларија (или работа од дома). Целата работа е иницирана од консултантската куќа Интрапренер, која работи со непрофитната организација 4 Day Week Global (4DWG).
Но, како тоа би требало да функционира, особено кога толку многу компании во Германија страдаат од недостиг на квалификувани работници? Зарем не би било подобро да се работи повеќе наместо помалку?
Застапниците на оваа идеја велат: Четиридневната недела би помогнала токму при недостиг од квалификувани работници, меѓу другото и затоа што ја зголемува продуктивноста на вработените. Аргументацијата гласи: Оние кои работат четири дена наместо пет се помотивирани и затоа се попродуктивни. Покрај тоа, ова може да доведе на работа луѓе кои не се подготвени да работат пет дена. Тоа би го намалило недостигот од квалификувани работници.
Четиридневната недела веќе е тестирана во пракса. Од 2019 година, организацијата 4DWG спроведува вакви пилот програми во Велика Британија, Јужноафриканската Република, Австралија, Ирска и САД, на пример. Учествуваа повеќе од 500 компании, велат од оваа невладина организација (НВО). Резултатите се чини дека ги потврдуваат надежите за позитивни ефекти.
Се чини дека Велика Британија беше успешна
Пример, Велика Британија. Таму 2.900 вработени беа вклучени во експериментот четиридневна работна недела. Тие беа вработени во финансискиот сектор, ИТ и градежниот сектор, во онлајн трговијата, студијата за анимација, во маркетинг или киосци за брза храна.
Според истражувачите од Кембриџ и Бостон, нивните денови на боледување биле намалени за околу две третини и речиси 40 отсто рекле дека по експериментот се чувствувале помалку под стрес отколку порано. Освен тоа, бројот на вработени кои дале отказ се намалил за 57 отсто. Но, пред сè, истражувачите забележале просечен пораст на продажбата од околу 1,4 проценти. 56 од 61 компанија учесничка изјавиле дека сакаат да ја одржат четиридневната работна недела и по завршувањето на тест фазата.
Не секој сака да работи помалку
Дали сега, од февруари натаму, Германците ќе гледаат со завист кон вработените кои профитираат од тест-проектот? Не мора да значи, покажа истражувањето на фондацијата Ханс Беклер, која им е блиска на синдикатите. Според тоа, речиси три четвртини од вработените со полно работно време би сакале четиридневна недела со иста плата. Осум проценти сметаат дека четиридневната недела е добра, дури и со намалени плати. Но, 17 проценти одбиваат пократко работно време.
Пилот студиите за четиридневната работна недела не се значајни
Компаниите кои сега учествуваат во тест-проектот за четиридневна работна недела во Германија се пријавија за него пред неколку месеци. И токму тука започнува проблемот, вели експертот за пазарот на труд Енцо Вебер, кој е критичен кон резултатите од претходните пилот проекти. Тој спроведува истражувања на Универзитетот Регенсбург и на Институтот за истражување на пазарот на трудот и на професиите.
За вакви проекти се пријавуваат само компании за кои четиридневната работна недела е позитивна. Поради тоа, тие не претставуваат репрезентативен пресек на економијата. Освен тоа, со четири дена работа не само што би се скратило работното време, туку би се промениле и процесите и организацијата. Ако потоа дојде до зголемување на продуктивноста, тоа не мора да е причински поврзано со пократкото работно време, вели Вебер.
Позитивните резултати се сомнителни и поради тоа што скратувањето на работниот ден најверојатно би резултирало со интензивирање на работата, смета Вебер. Социјалните, комуникативните и креативните елементи паѓаат во втор план. „Компаниите обично не ги чувствуваат последиците веднаш, туку на среден рок.“ А студиите се дизајнирани да траат само шест месеци.
Сомнежи во зголемувањето на продуктивноста
Холгер Шефер од Институтот за германска економија (ИВ Келн), кој им е близок на работодавачите, исто така верува дека четиридневна недела воведена во цела Германија би била контрапродуктивна. „Она што може да изгледа разумно од микроекономска гледна точка – на пример, ако дефицитарните работници можат да бидат врбувани од конкурентите со четиридневна работна недела – се губи кога се гледа од макроекономска гледна точка: ако сите компании го намалат работното време, на крајот ќе има дефицит на работно време“, вели Шефер.
Освен тоа, нема никакви укажувања дека намалувањето на работното време би можело значително да ја зголеми продуктивноста. „Скратувањето на работната недела од пет на четири дена одговара на намалување на работното време за 20 отсто. За да се компензира намалувањето на производството, продуктивноста по час би требало да се зголеми за 25%“, вели Шефер, оценувајќи дека тоа е утопија.
Индивидуална работна недела од Х-денови
Дека четиридневната работна недела може да има смисла кај поединечни компании е нешто што е евидентно во занаетчискиот сектор. Според Јерг Дитрих, претседател на Централниот сојуз на германски занаетчии, работодавачите во овој сектор на тој начин би ја зголемиле својата привлечност, а со тоа и своите шанси да се натпреваруваат за квалификувани работници. Сепак, четиридневната работна недела не би функционирала подеднакво добро во секоја занаетчиска фирма. Заклучок на Дитрих: Општо формулирано законско право на четиридневна работна недела не би помогнало никому и би значело само дополнителна бирократија за компаниите.
Енцо Вебер исто така е против законско право на четиридневна работна недела и се залага за индивидуални решенија. Тој тоа го нарекува работна недела од Х-денови. За тоа добива поддршка од средните претпријатија. Тие исто така се залагаат за индивидуални решенија меѓу вработените и работодавачите, вели Кристоф Алхаус, раководител на Сојузот на средни претпријатија. Од друга страна, средните претпријатија отфрлаат мешање на државата која би предвидувала помалку работни часови со целосен надоместок за плата.
Сепак, и покрај сите критички аргументи, синдикатот ИГ Метал, на пример, веќе подолго време бара пократко работно време. Притоа, луѓето во челичната индустрија и сега работат само 35 часа неделно.
Извор: Инза Вреде – Дојче веле
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.