Вработени во полските дипломатски претставништва во Африка, Азија и Блискиот Исток се обвинети за примање мито во замена за издавање визи за Шенген зоната, јавија денеска германските медиуми.

Ова е најголемиот скандал во Полска во 21 век, изјави лидерот на опозицијата и кандидат на либерално-конзервативната Граѓанска платформа (ПО) на претстојните избори, Доналд Туск, коментирајќи го покренувањето истрага против седум членови на полската дипломатска служба и апсење на три лица обвинети за мито и корупција, а во врска со издавањето визи за Шенген зоната.

Туск и некои опозициски медиуми како „Газета Виборча“( Gazeta Wyborcza) зборуваат за издавање на над 250.000 работни визи за Полска, а со тоа и за Шенген зоната, кои беа издадени во последните 30 месеци во полските дипломатски претставништва во Африка и Азија.

На крајот на август, заменик-министерот за надворешни работи задолжен за конзуларните претставништва, Пјотр Ваврзик, беше разрешен без објаснување, а неговиот оддел беше претресен од полската антикорупциска канцеларија CBA.

Според печатот, апликантите во Индија плаќале до 40.000 евра за издавање визи за Шенген зоната. Според истите извори, многу луѓе преминале во Германија со полски визи.

Туск ја обвини владејачката партија ПиС за „лицемерие“ затоа што, од една страна, го блокира компромисот на ЕУ за политиката за азил, а од друга страна, нејзините дипломати издаваат незаконски визи за мито.

Неколку недели пред изборите во Полска, владејачката ПиС ги отфрла обвинувањата на опозицијата и дел од печатот.

-Тука немаме скандал. Тоа е глупава и криминална идеја на неколку луѓе кои немаат никаква врска со владата, изјави претседателот на владејачката ПиС, Јарослав Качински.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.