Европа е поблиску до војна од кога ѝ да е во последните 30 години, предупреди полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау за време на третата рунда дипломатски разговори оваа недела, чија цел беше да се смират тензиите поради барањето на Русија никогаш да не и се дозволи на Украина да влезе во НАТО, пренесува Ројтерс.
Во своето обраќање пред Постојаниот совет на ОБСЕ, Рау на прес-конференција рече дека ваквата закана е предизвик за сите 57 членки на организацијата, бидејќи тие се посветени на истите принципи за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет во меѓународно признатите граници.
Ризикот од војна во областа на ОБСЕ сѐ чини дека е поголем од кога било во последните 30 години – рече тој во говорот во кој ги истакна приоритетите на неговата земја.
Тој посочи дека ОБСЕ е најдобрата организација за надминување на конфликтите, иако се водат билатерални разговори меѓу САД и Русија и Советот НАТО-Русија. Рау се изјасни за продолжување на дијалогот, но рече дека консензус може да се постигне само со почитување на меѓународното право.
Веќе неколку недели сме соочени со изгледите за голема воена ескалација во Источна Европа – рече тој.
Полскиот министер посочи дека најопасниот конфликт во областа на ОБСЕ во моментов е во Украина и дека неговата прва посета како претседавач со ОБСЕ ќе биде токму во таа земја.
Треба да се фокусираме на мирно решение на конфликтот околу Украина – додаде Рау, повикувајќи на целосно почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и единството на Украина.
Прво ќе ја посетам Украина и секако ќе го посетам источниот дел на земјата, за да се запознаам со ситуацијата на терен. Еден од приоритетите на полското претседавање со ОБСЕ се последиците од конфликтот врз цивилното население – рече тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.